Кавадарци — Денеска во Големата сала на Општина Кавадарци се одржа редовната 16-та седница на Советот на Општина Кавадарци, каде пред советниците се најде исклучително обемен дневен ред со околу 50 точки. На седницата беа разгледани и усвоени деветмесечните извештаи за работењето на ЈП „Комуналец“ и МХЕЦ Лукар, се дискутираше за новиот ребаланс на буџетот, а клучен белег на заседанието стави едногласната одлука на советниците против покачувањето на цените на комуналните услуги.



Дискусии за ЈП „Комуналец“ и остварената добивка
Директорот на ЈП „Комуналец“, Гоце Ангеловски, пред советниците истакна дека деветмесечниот извештај за работењето на претпријатието претставува „вистински пример за успешно работење“, нагласувајќи дека во изминатите девет месеци претпријатието бележи позитивен финансиски резултат (добивка) од околу 250.000 евра (односно 15.533.674 денари).
Од друга страна, советниците од опозицијата упатија критики и обвинувања за партиски вработувања, зголемени трошоци за репрезентација, како и за несанирано оштетување на покривот на Зелениот пазар.
Во врска со работењето на јавното претпријатие, градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека квалитетот на услугите кои ги дава ЈП „Комуналец“ е на највисоко ниво. Како круцијален момент од оваа точка се издвои фактот што советниците едногласно застанаа против покачувањето на цените на комуналните услуги во Општина Кавадарци, со што градоначалникот Јанчев остана доследен на своето ветување дадено пред околу еден месец да не дозволи корекција и зголемување на цените на водата за пиење и за одведување на отпадни води.



Ребаланс на буџетот и политички дискусии
Седницата продолжи со разгледување на предложениот ребаланс на буџетот, каде според образложението, приходите и расходите се намалуваат за близу 291 милион денари.
Опозиционите советници изнесоа забелешки дека и локалната и централната каса се празни, поради што пред нив се нашол нов ребаланс, при што посочија и дека Владата сè уште ги нема исплатено средствата за финансирање на проектите од унгарскиот кредит.
Советниците од владеачкото мнозинство реплицираа со елаборирање на бројните сработени проекти на терен, истакнувајќи дека ликот на градот и населените места континуирано се менува на подобро. Градоначалникот Јанчев исто така се вклучи во дебатата, одговарајќи на обвинувањата преку презентирање на детална анализа на капиталните проекти што се реализирани или чија реализација е во тек.
Останати одлуки од дневниот ред
На денешната седница беа разгледани и усвоени и голем број други точки:
- Усвоени се извештаите за работењето на останатите јавни претпријатија и установи: ЈП „Мито Хаџи Василев Јасмин“, Ски центар Михајлово, ЈП „Паркинг Кавадарци“, ЈП за превоз на патници „Градски превоз Кавадарци“, како и ЗЈП Стационар „Шепа“.
- Разгледани се извештаи од училиштата и здруженијата на граѓани, кадровски прашања, како и одлуки од областа на урбанистичкото планирање и примање на донации за нови спортски игралишта и инфраструктура.
- Советот донесе и формална одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка меѓу Општина Кавадарци и Општина Штип.
A.Д
©ктв.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.