Група оштетени и загрижени граѓани од Кавадарци упатија итен апел до јавноста и медиумите, тврдејќи дека се жртви на сериозни финансиски злоупотреби во локалната експозитура на една финансиска институција.
Според наводите во нивото обраќање, повеќе од 120 граѓани се соочуваат со сомнежи за неправилности кои вклучуваат наводно неовластено користење на лични податоци, подигање кредити без знаење и согласност на клиентите, како и неевидентирање на редовно уплаќани кредитни рати и штедни депозити. Првичните проценки на оштетените, како што пишуваат, се дека вкупната штета би надминала 500.000 евра.
Во дописот се наведува дека за извршените уплати со години добивале само „обични ливчиња без соодветна дополнителна документација со која би можеле целосно да ја потврдат ликвидацијата на своите кредитни обврски“ , со образложение дека книжењето од централата се чекало по неколку месеци.
Полицијата постапува по наводите
На нашето прашање до СВР Велес – дали се примени официјални пријави од граѓани кои алармираат за овие нерегуларности во Кавадарци – од полицијата потврдија дека активно се работи на случајот.
„Во врска со Вашето прашање Ве информираме дека на подрачје на општина Кавадарци, полициски службеници преземаат мерки и активности, согласно полициските надлежности и овластувања за откривање на евентуални кривични дела. Во интерес на истрагата, по целосно завршување на активностите јавноста ќе биде соодветно известена“, стои во официјалниот одговор од СВР Велес.
Од финансиската институција без официјален одговор
Нашата редакција се обрати до раководството и централата на институцијата која е предмет на обвинувања од голем број граѓани, со цел да се добие став и одговор на поставените прашања. Исто така, беа остварени и телефонски ургенции за да се провери дали и кога ќе биде достапен официјален одговор за јавноста, но до овој момент не добивме никаков одговор ниту коментар на поставените прашања.
Траат тензиите и револтот кај граѓаните
Клиентите изразуваат огромен револт бидејќи комуникацијата со експозитурата во Кавадарци е отежната, а директниот увид во сопствените штедни книшки и финансиски состојби им бил ограничен. Според нивните тврдења, на барањата за увид во состојбата им било одговарано дека официјален одговор ќе добијат дури по 15 дена, што дополнително внесува страв, паника и здравствени проблеми кај засегнатите лица.
Оштетените граѓани бараат итна и темелна истрага од надлежните институции, целосна ревизија на работењето и обесштетување на сите чии заштеди и кредитни партии се доведени во прашање. Редакцијата продолжува да ја следи темата и останува отворена за објавување на став од спротивната страна.
Правни извори потврдуваат бран пријави
Според потврдени информации од адвокатски извори од Кавадарци, изминативе денови сè поголем број граѓани се обраќаат за правна помош со речиси идентични поплаки, при што веќе се поднесуваат и соодветни пријави и поднесци до надлежните органи.