Нова сообраќајна визија за Кавадарци: Ќе се поврзуваат Северниот булевар, обиколницата и автопатот Е-75

Нова сообраќајна визија за Кавадарци: Ќе се поврзуваат Северниот булевар, обиколницата и автопатот Е-75

Општина Кавадарци, во соработка со Градежниот факултет во Скопје и професорите од Катедрата за патишта, активно работи на изнаоѓање ново и најсоодветно сообраќајно решение кое треба да донесе побезбеден сообраќај, подобра поврзаност и нови можности за развој на градот.

Како дел од овие активности, денес на Градежниот факултет беше одбранет магистерскиот труд на кавадарчанецот Душко Грозданов, посветен токму на ова значајно инфраструктурно прашање. Во трудот детално се разработени три можни варијанти за сообраќајно поврзување на обиколницата со автопатот Е-75 (преку клучката кај Винарија „Лазар“), како и нејзино спојување со влезот во градот и Северниот булевар.

Истовремено со обиколницата, која веќе се наоѓа во завршна фаза на проектирање, локалната самоуправа започнува со разгледување на можностите за реализација на ова ново патно поврзување.

Во претстојниот период ќе се изврши детална анализа на трите предложени варијанти од магистерскиот труд, по што Општина Кавадарци ќе ја избере најповолната и најоптималната траса за понатамошна реализација.

Од Општина Кавадарци истакнуваат дека крајната цел на овој капитален проект е градот да добие современа, функционална и целосно интегрирана патна инфраструктура.