Жерновски: Мицкоски лажеше на надзорната за Алта банка – ќе одговара и за тоа

Жерновски: Мицкоски лажеше на надзорната за Алта банка – ќе одговара и за тоа

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција обвини дека Христијан Мицкоски изнесувал лаги на надзорната расправа за Алта банка за да ја оправда својата улога во случајот. Тој порача дека кривичните пријави против претставници на СДСМ нема да ја спречат партијата да бара вистина и одговорност.

„Вчера во Собранието, на Комисијата, Мицкоски лажеше пред целата македонска јавност само за да се оправда со Алта банка.

Тие гнасни лаги коишто вчера Мицкоски ги изнесе против СДСМ за тоа како ја внел и кој ја внел Алта банка во Македонија, бидете сигурни дека ќе одговара и за тоа“, рече Жерновски.

Тој оцени дека пријавите против раководството на СДСМ се дел од обидот на власта да го пренасочи вниманието од случајот со Алта банка и да изврши притисок врз опозицијата.

„Едноставно му нареди, буквално му нареди на Трајко Славески како гувернер да поднесе кривични пријави, не само како гувернер, туку и Народната банка да поднесе кривични пријави против претседателот на партијата, Венко Филипче, против генералниот секретар, против потпретседателот на партијата и против мене.Исто како што беше, значи, внесувањето на Алта банка на Вучиќ во Македонија, така сега се копира однесувањето на Вучиќ во нашата земја.Имаме чист копи-пејст на тоа што го гледавме во Србија“, истакна Жерновски.

Осврнувајќи се на изјавите на Мицкоски и Славески за состојбата во банката, Жерновски ја доведе во прашање усогласеноста на нивните јавни уверувања со најавите за продажба.

„По информациите од обвинителот од Србија дека банката служела како пералница на пари, Славески и Мицкоски рекоа дека кај нас сè е во ред.Се сеќавате. Само што рекоа дека сè е во ред, потоа објавија дека има пет-шест заинтересирани за купување на банката.

Чекајте, се поставува прашањето зошто би се продавала банката ако сè е во ред?“, праша Жерновски.

Тој порача дека Јавното обвинителство треба да постапува независно и да ја испита одговорноста за случајот.

„Почитувани граѓани, сега на ред е обвинителството. Сега обвинителот Савески е на потег. Дали ќе застане на страна на правдата и на страна на вистината или ќе застане на страна на организираната криминална банда на Мицкоски?“, рече Жерновски.

Во однос на обвинувањата за ширење паника, тој истакна дека СДСМ ќе продолжи да го отвора случајот и да бара одговорност.

„Сега да признаеме и ние нешто. Дали СДСМ некаде ширеше паника? Да, но не кај граѓаните, туку ширеше паника и ќе шири паника кај Мицкоски и кај криминалната банда којашто е опкружена околу него и нема да се спаси од таа паника и ќе одговара“, порача тој.

Жерновски со директна порака до Мицкоски дека доаѓа време за одговорност: „Мицкоски, доаѓа крај на твоите лаги. Тоа што работеше по налог на твојот шеф Вучиќ, знаеш и сам каде те одведе. Веќе нема назад. Доаѓа време на вистината. Доаѓа време кога ќе одговараш. Доаѓа време кога сите ќе ја дознаеме таа вистина и ќе бидеме задоволни што конечно ќе се соочиш со правдата.“ рече Секретарот за меѓународна соработка, Андреј Жерновски.