Левица: Мицкоски кукавички избега од пратенички прашања – ДПМНЕ се скри зад спотерите од ЗНАМ за да ја спаси власта

Левица: Мицкоски кукавички избега од пратенички прашања – ДПМНЕ се скри зад спотерите од ЗНАМ за да ја спаси власта

Толку од „силниот лидер“ на ДПМНЕ – една најава за пратенички прашања од Јована Мојсоска беше доволна Мицкоски да исчезне од собраниските клупи, а неговите потрчковци од ЗНАМ да му организираат евакуација! Денешната седница за опозициски пратенички прашања не се одржа, откако Мицкоски, спротивно на деловничката обврска за присуство, не се појави во Собранието.

И додека Мицкоски дезертираше од одговорност, неговото мнозинство мораше да измислува спасувачка операција за да го прикрие неговиот кукавичлук. Бидејќи очигледно и самите пратеници на ДПМНЕ процениле дека ќе биде премногу понижувачки лично да ја саботираат седницата на која нивниот претседател требаше да одговара, валканата работа им ја препуштија на коалициските спотери од ЗНАМ. Нивниот пратеник побара пауза, а со тоа беше испразнета и последната минута од времето предвидено за опозициските прашања.

Инструментот што треба да ја држи извршната власт под демократски надзор ДПМНЕ го претвори во заложник на коалициската математика. Наместо Собранието да ја контролира Владата, Владата преку своите послушници го контролира времето во кое смее да биде прашувана.

ДПМНЕ не сака парламентарна демократија, туку парламентарна кореографија каде пратениците ќе аплаудираат, министрите ќе се фалат, премиерот ќе проповеда, а опозицијата ќе молчи!

Власт што има мнозинство да изгласа што ќе посака, но нема храброст да ислуша што ќе ја прашаат, не е силна власт. Тоа е исплашена власт!