Кавадарци доби конечно решение за обиколницата: Утврдена трасата од „Југо Комерц“ до Витач

Кавадарци доби конечно решение за обиколницата: Утврдена трасата од „Југо Комерц“ до Витач

Кавадарци — Во просториите на Општина Кавадарци денеска се одржа работен состанок на кој и официјално беше утврдена конечната траса на долгоочекуваната градска обиколница, со што се прави клучн чекор кон решавање на сообраќајните гужви во градот.

На состанокот присуствуваа градоначалникот Митко Јанчев, претставници од Јавното претпријатие за државни патишта, општинската администрација, стручни служби и инженери, поголем дел од членовите на Советот на Општина Кавадарци, како и ревидентен тим од професори од Градежниот факултет.

По детално разгледување на повеќе технички решенија и усогласување на стручните предлози, учесниците го усвоија конечното решение за вториот дел од трасата, кој се протега на потегот од „Југо Комерц“ до Витач.

Според динамиката на досегашните активности и обемот на проектната документација што предстои, финализирањето на основниот и инфраструктурниот проект се очекува до средината на следната година. Ова ќе ги отвори вратите за распишување на тендерска постапка и почеток на градежните работи на терен.

Утврдувањето на оваа траса претставува капитален чекор за инфраструктурниот развој на Кавадарци, чија главна цел е комплетно растоварување на градскиот сообраќај, подобрување на безбедноста и поквалитетно сообраќајно поврзување во регионот.