Премиерот Мицкоски кажува дека нашол купци за Алта банка, во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче потсети дека гувернерот Трајко Славески веќе потврди дека Мицкоски бил информиран за влезот на Алта банка во Македонија, што потврдува дека премиерот знаел се.
„Го слушам изминатите денови премиерот Христијан Мицкоски како кажува дека нашол купци за Алта банка. Тој нашол купци за Алта банка. Во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас. Кога веќе гувернерот Трајко Славески кажа дека бил информиран за влезот на Алта банка тука кај нас, првата работа која што се наметнува како прашање после оваа негова изјава е дали тој исто како што сега наоѓа купци за Алта банка Скопје бил човекот кој што ја донел Алта банка Србија кај нас“, рече Филипче.
Тој додаде дека Мицкоски очигледно знаел за целиот процес и бил информиран за продажбата на банката, поради што како што кажа јавноста има право да знае со кого разговарал премиерот и каква била неговата улога во овој процес.
„Очигледно е, а гувернерот Трајко Славески тоа го потврди, дека премиерот знаел сè. Ние на тоа укажуваме повеќе од година дена, за врските со сестринската СНС. Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека Алта банка доаѓа кај нас да ја превземе тогашна Стопанска банка Битола. Со кого преговарал? Разговарал ли со Давор Мацура, човекот кој што од менувачница направи банка со црни пари, криминални пари, пари од корупција, од шверц на дрога и не стави нашата земја во балканскиот картел на Александар Вучиќ“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека на владина седнца е донесена одлука јавните претпријатија да ги отстапат акциите во корист на Давор Мацура, односно на Алта банка, а во процесот била вклучена и министерката за финансии Гордана Кочовска.
„Зошто на владина седница се носела одлука да јавни претпријатија ги отстапат акциите во корист на Давор Мацура, односно Алта банка? Зошто не донеле одлука да се направи тоа во корист на друга банка? Каков бил интересот да се зголеми капиталот и вредноста на една криминална банка тука кај нас? На владината седница водена од Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Кочовска исто така вклучена во тој процес“, рече Филипче, и го отвори прашањето во чија корист, во интерес на што работеле и работат овие луѓе што ја водат Владата.