И по неколку месеци јавни реакции, проблемот со доцнењето на породилните надоместоци останува нерешен. Иако сме веќе во втората половина на јули, постојат мајки кои сè уште немаат добиено исплата за месец мај. Доцнењето на породилното стана бесрамно воспоставена практика.
Левица предупредува за овој проблем во континуитет, но ФЗОМ и понатаму молчи, а родилките повторно се принудени да живеат во неизвесност, секојдневно проверувајќи ги своите сметки и молејќи за информација кога конечно ќе им биде исплатено она што по закон им следува.
Породилниот надоместок не е социјална помош, ниту подарок од Владата. Тој е право кое произлегува од работен однос и од придонесите што жените со години ги уплаќале во системот. Кога државата доцни со исплатата, таа не „штеди“ свои пари – таа ги задржува парите на жените кои веќе ги заработиле. Наместо институциите да ја понесат одговорноста за сопствената неспособност, товарот повторно паѓа врз родилките, во период кога тие имаат најголеми трошоци и најмалку можности да обезбедат дополнителен приход. Додека државата не ја исполнува својата законска обврска, жените се принудени да позајмуваат пари, да ги трошат своите заштеди или да зависат од семејството за да обезбедат млеко, пелени, лекови и основни услови за своето новороденче.
Ова е најдобриот показател колку вредат фамозните „семејни вредности“ со кои ДПМНЕ секојдневно се фали. Кога треба да се држат говори за демографија, наталитет и семејство, мајката е главен политички симбол. Но кога истата таа жена ќе побара државата да ја исполни својата законска обврска, тогаш добива вртење на грб. Очигледно, за ДПМНЕ жената е важна само додека може да послужи како декор за нивната конзервативна реторика. Кога треба реално да се поддржи, моќта на Владата и на институциите магично исчезнува.
Во општество во кое најголемиот дел од грижата за децата и понатаму паѓа врз жените, државата дополнително ги казнува токму во најранливиот период од нивниот живот. Наместо мајчинството да биде период во кој државата обезбедува сигурност, ДПМНЕ го претвора во уште една борба за гола егзистенција.
Во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување доби нов директор – Златко Перински. Но, промената на директорската функција не донесе промена и за родилките. Напротив, новото раководство ја продолжува истата практика на институционална негрижа, оставајќи илјадници жени без законски загарантираниот приход во периодот кога им е најпотребен. Очигледно, ниту новото раководство на ФЗОМ нема намера да стави крај на понижувачката практика родилките со месеци да чекаат исплата на сопствените средства.
Левица бара итна исплата на сите заостанати породилни надоместоци, воспоставување јасни и редовни рокови за месечна исплата и целосна одговорност од Фондот за здравствено осигурување за хроничното доцнење.
Влада која навреме ги исплаќа функционерите, а ги остава родилките со месеци без законски загарантиран приход, нема никакво морално право да зборува за демографија, семејство и грижа за мајките.