По 10 години затвор за тројцата кавадарчани за убиството пред казиното во центарот на Кавадарци

По 10 години затвор за тројцата кавадарчани за убиството пред казиното во центарот на Кавадарци

По 10 години затворска казна за секој од тројцата обвинети изрече Кривичниот совет при Основниот суд во Кавадарци за убиството на 43-годишниот П.Т., кое се случи минатата година во центарот на градот.

За виновни за кривичното дело „убиство“ беа прогласени кавадарчаните Д.Б. (27), М.Ѓ. (36) и Д.С. (28).

„Во кривичниот предмет немаше признание на вина. На обвинетите им е продолжен притворот бидејќи се прогласени за виновни“, соопштија од Основниот суд Кавадарци.

Обвинителството бара повисоки казни

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци изрази незадоволство од висината на пресудата и најави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд. Бидејќи станува збор за првостепена и неправосилна судска одлука, право на жалба имаат и одбраната и осудените.

Крвавиот настан се случи на 27 август минатата година, во раните утрински часови, на задниот влез од казино лоцирано на улицата „Никола Минчев“ во центарот на Кавадарци.

Според обвинителниот акт: Во објектот најпрво избила вербална расправија помеѓу тројцата обвинети и жртвата П.Т. Кога 43-годишникот тргнал да го напушти објектот, обвинетите го пресретнале на задниот влез и физички го нападнале, нанесувајќи му силни удари со боксови и клоци во пределот на главата и телото.

Жртвата се обидувала да се извлече од тепањето и да се врати внатре во казиното, но не успеала. Како последица на тешките телесни повреди во пределот на главата, П.Т. починал на местото на настанот, каде што медицинската екипа од Итната помош само констатирала смрт.