Македонија ги слави двата Илиндена

Македонија ги слави двата Илиндена

Денот на Републиката оваа година се одбележува под мотото „Од сон до Сонце“. Македонија денеска одбележува 111 години од големото илинденско востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски  се обрати на централната свеченост во Крушево Се  положи  цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што се одржа голем народен собир. Премиерот Никола Груевски, пак,  се обрати на собирот во Пелинце, а претседателот на државата Ѓорге Иванов во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ.

Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден, зашто Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.

– Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода, рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

„Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме. Затоа честа е голема, заеднички да го одбележиме 2 Август, денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чувствуваат за свој дом.  Ова го порача премиерот Никола Груевски на прославата на 70 години од Првото заседание на АСНОМ и 111 години од Илинденското востание во Пелинце.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Републиката траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ, на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.