(видео) Со традиционална гроздоберска трпеза стартуваше манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2026“

(видео) Со традиционална гроздоберска трпеза стартуваше манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2026“

Со поставување на традиционалната гроздоберска трпеза во центарот на Кавадарци, официјално започна таа годинашната традиционална културно-стопанска манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“.

По тој повод, претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Д-р Стојанчо Рамов, истакна дека сите подготовки од страна на Локалната самоуправа, градоначалникот и Советот се успешно завршени, со цел граѓаните и многубројните гости да уживаат во уште едно одлично организирано издание.

„Се надевам дека и оваа година традицијата на гостопримството и културата што ја негуваме низ сите овие Тиквешки гроздобери ќе ја доживееме и ќе имаме еден одлично организиран Гроздобер кој ќе остане голем дел од нашите емоции, мисли и желби. Воедно ќе се потрудиме на сите гости да им ги доближиме традицијата, културата, грозјето и виното, за да заминат со позитивни мисли од Кавадарци“, порача Д-р Стојанчо Рамов.

На гроздоберската трпеза беа изложени традиционални локални производи и специјалитети – грозје, вино, ракија, маџун, кавадаречки пиши, кадарчки и други гастрономски деликатеси кои привлекоа голем број посетители.

Манифестацијата нуди богата тридневна програма за сите генерации. Централните настани ќе се одвиваат во Винскиот музеј, на Градскиот плоштад и во паркот наспроти ОВР Кавадарци“.

За деновите кои следат се најавени:

  • Сабота: Главниот дефиле-карневал со учество на голем број дефиле и карневалски групи од земјава и странство.
  • Недела: Традиционалниот детски карневал, како и богата музичка програма.

За забавниот дел, Рамов истакна дека програмата опфаќа изведувачи за сите вкусови, вклучувајќи ги и кавадаречките претставници кои оваа година беа амбасадори во балканските шоуа – Слободанка Танева и Митрева Маријана, заедно со познати музички имиња од регионот и локални мелос изведувачи.

Д-р Рамов потсети и на историјатот на манифестацијата, истакнувајќи дека организираниот Тиквешки гроздобер датира уште од 1964 година, по посетата на тогашниот директор на ЗИК „Тиквеш“, Димче Галапчев, на францускиот град Дижон, каде што за првпат бил закроен грозд на плоштадот.

На крајот, упати апел и покана до сите жители и посетители да бидат дел од манифестацијата и заедно да ја споделат традицијата, грозјето, виното и кавадаречкото гостопримство.

А.Д