Неготинските бизнисмени ги слушнаа мерките на Владата за отворање на нови работни места

Неготинските бизнисмени ги слушнаа мерките на Владата за отворање на нови работни места

Директорот  на Агенцијата за вработување на Македонија денеска разговараше со неготинските работодавачи и им ги презентира мерките за вработување преку повеќе различни процеси.

Средбата се случи во просториите на општина Неготино, а присутни беа и градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов и претставници од заводот за вработување.

Работодавачите и претставниците од бизнис секторот  ги истакнаа своите најголеми проблеми. Повеќето од нив се пожалија дека не успеваат на време да пријават прекувремена работа затоа што некогаш потребата за дополнителна работа е непредвидлива.

На ова, директорот Поповски истакна  дека сега имаат опција преку интернет да пријават работа во недела или пак, дополнителна работа, и тоа за помалку од една минута.

–          Не мора да ги барате инспекторите за да пријавите прекувремено работење. Најлесно и најбрзо таа работа можете да ја завршите преку интернет за триесетина секунди – потенцираше Поповски.

Претставничката од заводот за вработување, Кристина Чадамова ги презентираше мерките и нормите за вработување невработени лица, преку разни обуки, практиканска работа, како и субвенционирање претпријатија.

Претприемачите, за време на дискусијата, предложија да се посвети внимание на обезбедување и обучување стручен кадар за потребите на пазарот на трудот.

Во Македонија има вкупно 91.500 невработени лица коишто активно бараат работа. Во нив се вклучени и граѓани коишто потешко се вклучуваат во општеството, ранливи категории како лица со посебни потреби, бездомници, роми и слично.

 Елена Данова