На проверка кавадаречките пожарникари

На проверка кавадаречките пожарникари

По зачестените шпкулации меѓу кавадарчани за наводна неподготвеност за делување на кавадаречките пожарникари, тие синоќа беа ставени на тест. Во ненајавена посета им беа градоначалникот Александар Панов и претсдателот на Регионалната стопанска комора, Митко Јанчев.

Имено во 21.31 часот, од чуварската служба на фирмата „Мепос оператива“ од Кавадарци е пријавено дека во нивниот стопански двор се случил пожар.

Тричлената комисија го констатира пристигнувањето на првото противпожарно возило на кавадаречките пожарникари 9 минути по пријавувањето на пожарот, односно во 21:40 часот. Возилото пристигнало со 99% полн резервоар односно со 4 Т вода.

Второто возило на компанијата „Кожувчанка“ со 9 Т вода, на местото на пожарот пристинува за 15 минути од моментот на пријавувањето, додека третото возило од општинската ПП единица со 8 Т вода, е на самото место 21 минута по алармот за пожар.

Констатирано е дека во сите три возила се наоѓала посада на пожарникарите во полна опрема, подготвени за брза интервенција.

Резултатот од ненајавената проверка на подготвеноста на Против пожарната единица-Кавадарци е позитивен. Градоначалникот оцени дека после синоќнешната интервенција кај него биле отстранети сите сомнежи, дека противпожарната единица е неподготвена за интервенции при пожари – информираа од кабинетот на градоначалникот Панов.

Сличен став има и претседателот на регионалната стопанска комора Јанчев кој изрази задоволство од брзината и ефикасниот начин на интервенција на пожарникарите.

„После она што го покажаа екипите од Противпожарната единица Кавадарци, заедно со колегите од „Кожувчанка“, како и докажаната подготвеност на пожарникарите од „Фени Индустри“, разбирливо е зошто општината се наоѓа на врвот меѓу единиците на локалната самоуправа во Македонија каде е регистриран мал број на пожари, како и исклучително висок процент на брзо изгаснати пожари, благодарејќи на високата професионалност и одличното ниво на подготвеност на пожарникарите “ оцени Панов.

А.Д