Официјално промовирана апликацијата „мУслуги“: Лична карта и возачка дозвола на мобилен телефон

Официјално промовирана апликацијата „мУслуги“: Лична карта и возачка дозвола на мобилен телефон

Со промоцијата на новата мобилна апликација „мУслуги“, граѓаните отсега добиваат можност на своите мобилни телефони да ги имаат своите лични документи, како што се личната карта и возачката дозвола, како и брз пристап до бројни јавни услуги на едно место.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната официјална промоција истакна дека суштината на дигиталната трансформација не е само воведување нова технологија, туку создавање функционален систем во кој институциите меѓсебно разменуваат податоци, а граѓаните повеќе не мора да губат време пред шалтери или да носат хартии од една до друга институција.

  • „Целта е граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Дигиталната трансформација има вредност само кога плановите и стратегиите ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи“, нагласи Мицкоски.

Апликацијата претставува конкретен чекор кон поедноставување на процедурите, а надлежните најавуваат дека во наредниот период постојано ќе се зголемува бројот на услуги што граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно чекање.