Вредноста и на синдикалната минимална кошница и на владината потрошувачка кошница бележи раст, но разликата меѓу нив и натаму е поголема од 11.000 денари.
Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), минималната кошница за ноември изнесува 70.827 денари, што е за 469 денари повеќе во однос на октомври (70.358 денари). Со вклучен закуп за стан од 60 квадратни метри, таа достигнува 86.202 денари, при што за храна и пијалаци се издвојуваат 25.902 денари, за режиски трошоци 6.379 денари, а за транспорт 5.105 денари.
Од друга страна, просечната потрошувачка кошница за октомври, објавена од Министерството за економија и труд, изнесува 59.149 денари – зголемување од 942 денари или 1,6 проценти во однос на септември. Министерот Бесар Дурмиши посочи дека најголем пораст има кај храната и пијалаците, особено кај овошјето и зеленчукот, а Државниот пазарен инспекторат секојдневно ги следи цените и ќе интервенира доколку се констатираат злоупотреби.
Дурмиши додаде дека инфлацијата во октомври е 0,4 проценти на месечно и 3,3 проценти на годишно ниво, со очекување до крајот на годината да се спушти под три проценти, најавувајќи и активности на Владата за зголемување на минималната плата.