По повод ноември – месецот посветен на машкото здравје, специјалистот по уролошка хирургија д-р Тони Нешковски упати апел до мажите да не ги игнорираат симптомите и да не ги одложуваат превентивните лекарски прегледи.
Според д-р Нешковски, грижата за здравјето кај мажите не претставува слабост, туку одговорност кон себе и кон најблиските. Тој нагласи дека токму раното откривање и навременото дијагностицирање – особено на малигните заболувања како што се карциномот на простата, карциномот на мочен меур и карциномот на бубрег – е клучно за спасување животи.
Во своето обраќање, тој упати посебен апел и до помладата популација редовно да оди на контроли и прегледи и активно да се грижи за репродуктивното машко здравје, без да чека да се појават здравствени проблеми. Како што истакна, превентивата е најголемата инвестиција во сопствената иднина.
Д-р Нешковски упати и јавна благодарност до Комисијата за еднакви можности при Општина Кавадарци за континуираните активности во текот на целата година насочени кон подигање на свеста за здравјето и кај жените и кај мажите.
А.Д
©ктв.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.