СДСМ: После толку жртви Тошковски одамна требаше да даде оставка

СДСМ: После толку жртви Тошковски одамна требаше да даде оставка

Панче Тошковски одамна требаше да понесе политичка одговорност и да си поднесе оставка.

СДСМ две и пол години предупредува дека Тошковски има најголема политичка одговорност, за потфрлање на превенцијата, за непостапувањата на МВР и за заштита од одговорност по партиска линија. 

Неказнивоста и непостапувањето на МВР на чело со Тошковски,  созддадоа  атмосфера во која насилниците се чувствуваат охрабрени. Жртвите се оставени сами да се борат за сопствената безбедност.

Фемицидот стана секојдневие во државата.  

Сведоци сме на бројни насилства врз жени и убиства, зад кои стојат претходни пријави, барања за помош и институционални пропусти. 

СДСМ со месеци тоа го зборува. Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје – не ја дочекаа помошта, не добија заштита и покрај бројните пријави.

Во Кумановско, во Старо Нагоричане, пет жени беа убиени, додека пријавите и предупредувањата на жителите биле игнорирани со години.

И случаите за кои наводно МВР постапува не водат до одговорност на високите раководни позиции.

Скандалозна одлука се донсе за случајот со младата Росица во Велес. Вината е префрлена само врз обичните полициски службеници. И за ова СДСМ реагираше и сега се потврдува.

Нема одговорност за тие кои имаат последниот збор – високите полициски функционери, командири, началници и раководители. Намерно ли се штитат одредени поединци?

Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност.

Да не беше брзата и гневна реакција на граѓаните, на СДСМ, на невладините организации, ќе ја видевме старата шема на ВМРО –  жртвата во болница и страв за својот живот, а насилникот на слобода поради врски на локалните вмровски функционери.

Бодигардот на Мицкоски кој ја тепаше својата жена беше ослободен. 

Ова се само дел од бројни случаи на неказнивност, за што директна одговорност има тој кој што треба да е столбот на безбедноста – Тошковски. 

Ама има заштитиник –  Христијан Мицкоски, кој по секоја цена го штити, исто како што го штити системот на партиска неказнивост што го создаваат.

И додека тие се штитат еден со друг цената ја плаќаат граѓаните, понекогаш и со живот. Жртви, убиства, фемициди, насилства врз жени, целосен распад на безбедносниот систем.

Граѓаните заслужуваат безбедност, правда и институции кои функционираат за нив – а не систем кој ги остава сами.

Доста е од неаказнинивост. Одговорноста мора да почне од врвот, од министерот Панче Тошковски!