КАВАДАРЦИ – Во големата сала на Општина Кавадарци се одржа форумот на тема „Дијалог за заштитата на Кожуф, неговото геонаследство и можностите за геопарк и одржлив туризам“, на кој присуствуваше и градоначалникот Митко Јанчев. Настанот е во организација на Здружението на граѓани „Центар за климатски промени“.
На форумот учествуваа претставници од релевантните институции, научната и стручната јавност, граѓанскиот сектор и локалната заедница, со цел да се отворат клучните прашања за зачувување на природните и геолошките вредности на планината Кожуф.
Во фокусот на дискусијата беа ставени моделите за соодветна заштита на природното богатство, можностите за прогласување и развој на геопарк, унапредувањето на геотуризмот, како и создавањето нови услови за одржлив економски развој на целиот регион. Учесниците се согласија дека Кожуф претставува непроценливо природно богатство со огромен потенцијал за унапредување на локалната економија, туризмот и квалитетот на живот на граѓаните.
Од Општина Кавадарци порачаа дека ја препознаваат важноста од зачувувањето на природното наследство и целосно ја поддржуваат меѓуинституционалната соработка, како и вклучувањето на стручната јавност и локалното население во иницијативите за одржлив развој и валоризација на потенцијалите на регионот.
А.Д
©ктв.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.