Додека Мицкоски секојдневно ја убедува јавноста дека Македонија доживува економска преродба, во државното претпријатие „Национални шуми“ работничките права се враќаат во феудализмот! Наместо паричен регрес за годишен одмор, од работниците се бара да прифатат огревно дрво.
До Левица пристигнуваат сведоштва и документи кои го разголуваат односот на оваа вмровска власт кон трудот. Со однапред подготвена изјава, вработените треба да се согласат регресот за годишен одмор од 13.670 денари да им биде компензиран со огревно дрво. И не само тоа! Од работникот се бара изјавата да ја даде под материјална и кривична одговорност.
Директорот Здравко Трајанов и неговиот заменик Кире Михаилов се лицата на ова незаконско постапување и понижување на работниците! Трајанов и Михаилов нека објаснат со какво право работничкиот регрес го претвораат во стока за трампа и кој им дал благослов да се однесуваат како управители на феудален имот! Дали и тие своите примања ги добиваат во цепаници или средновековната економија важи исклучиво за оние што работат под нив? Државното претпријатие е наследен чифлик на ДПМНЕ! Ако нивниот најголем управувачки дострел е да го заменат денарот со цепаница, тогаш нивното место не е во директорските кабинети.
– Член 8 од Законот за исплата на платите изрично забранува исплата на плати и надоместоци во бонови и натура, пропишувајќи дека сите исплати мора да се вршат исклучиво во парични средства на трансакциска сметка!
– Согласно Законот за работните односи, правото на регрес е парично право, а работодавачот не смее со однапред изнудени изјави да ги пребива своите обврски кон вработените!
Десничарската ДПМНЕ толку безобразно ја гази работничката класа што веќе ни не се труди да го прикрие својот класен презир, туку го печати на службени документи и бара работниците сами да го потпишат! Трајанов и Михаилов нека си ги поделат директорските примања во цепаници.
Бараме итна одговорност и го повикуваме Државниот инспекторат за труд веднаш да извршат вонреден инспекциски надзор во ЈП „Национални шуми“.
