Премиерот Христијан Мицкоски остро ја обвини опозицијата дека свесно се радува и работи на црни сценарија во врска со актуелната ситуација со штедилницата, споредувајќи ги нивните постапки со практиките од времето на Еуростандард банка. Меѓутоа, премиерот децидно увери дека ситуацијата е под целосна контрола и дека граѓаните немаат простор за паника.
„Владата и опозицијата, конкретно СДСМ, имаат различна амбиција. Тие се радуваат на црните сценарија, а ние се обидуваме од петни жили да најдеме решение, односно купец којшто ќе ја купи банката бидејќи таа е навистина во одлична состојба“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека до последниот цент секој доверител и штедач ќе биде обештетен, појаснувајќи дека најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на самата институција е значително поголема од побарувањата.
Интензивни средби со потенцијални инвеститори
Според Мицкоски, целта на Владата е да се избегне „црното сценарио“ за кое секојдневно се залага опозицијата. Во таа насока, најави дека во следните неколку дена, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе остварат средби со повеќе финансиски институции кои би можеле да прераснат во потенцијални купувачи на банката.
Премиерот оцените дека опозицијата се обидува преку увезени кризи, невистини и конструкции да се факторизира политички.
„Ги замолувам граѓаните да не веруваат на овие невистини, како што во минатото лажеа дека ќе носиме мигранти или дека државата е банкротирана. Народната банка и Владата имаат инструменти и со нивна помош целосно ја контролираме состојбата. Тука нема простор за загриженост, бидејќи станува збор за здрава финансиска институција која сакаме да ја спасиме“, порача Мицкоски.