Спорт, рекреација и младински стандарди
Капиталните инвестиции во спортот бележат значителен замав. Градскиот базен доби целосно нов лик со инвестиција од околу 1 милион евра, опфаќајќи реконструкција на базените, нов систем за филтрација, тобогани, детски реквизити и комплетно обновени соблекувални. Покрај тоа, изграден е и затворениот базен (25х9м) вреден 1,2 милиони евра, како и нов СПА центар на 240 м² со вредност од 500.000 евра.
Во спортскиот комплекс се изградени и нов Картинг центар на 2.700 м² (36 милиони денари), нов повеќенаменски објект во Спортскиот центар „Јасмин“ со куглана, сала за гимнастика и апартмани за спортисти (118 милиони денари), како и нова спортска сала во село Марена (22 милиони денари). Во населените места се работи и на мултифункционалниот објект во Дреново вреден 30 милиони денари, како и на новата велосипедско-пешачка патека Глишиќ – Марена.

Модерна патна и комунална инфраструктура
На полето на патната мрежа реализирани се повеќе клучни проекти:
- Реконструирана е улицата „Задругарска“ (5 милиони денари).
- Целосно е пробиена и опремена со комунална инфраструктура и велосипедски патеки улицата „Вељко Влаховиќ“ (над 19,4 милиони денари).
- Започната е изградбата на краците од улицата „Ѓорѓи Соколов“ (26 милиони денари).
- Изграден е новиот кружен тек на Северен булевар (38 милиони денари), со значајна поддршка и донација од „Лидл“.
- Пуштен е во употреба новиот мост на патниот правец Марена – Сопот (12 милиони денари), а интензивно се работи и на новиот кеј на реката Луда Мара до Општата болница (1 милион евра).
Во делот на водоснабдувањето и животната средина, завршена е реконструкцијата на главниот цевковод Страгово – Крњево (22 милиони денари), се работи на цевководот Западен булевар – Сопот (37 милиони денари), како и на изградба на водовод и канализација во Моклиште (51 милион денари). Поставени се 2.500 нови водомери за намалување на загубите на вода, а завршена е и обновата на фекалниот колектор на булевар „Видое Смилевски“ – Северен булевар. Започната е и првата фаза од гасификацијата на Кавадарци (36 милиони денари).
Уредувањето на урбаното јадро опфаќа и проект за Кавадаречки Дол со озеленување на 15.000 м², како и изградба на новиот Био пазар за локалните земјоделци (32 милиони денари).
Грижа за социјалата, селата и енергетска ефикасност
Општината инвестира и во социјалната инфраструктура: подготвен е проект за Дневен центар за лица со попреченост (41 милион денари), завршена е тендерската постапка за нов Дом за стари лица со капацитет од 55 легла (160 милиони денари обезбедени од ресорното министерство), а во подготовка е и нов Младински центар вреден 1 милион евра. Во село Сопот е отворен новиот објект „Виножито“ при градинката „Рада Поцева“.
Преку донација од „Пиксел гроуп“ вредна 4,5 милиони денари, на 12 јавни установи се поставени фотоволтаични системи со моќност од 355 kW, со што се остваруваат значајни заштеди на електрична енергија. Дополнително, обезбеден е грант од 50.000 долари за техничка документација за иднината – изградба на велосипедска патека до Тиквешкото Езеро.
Отчетот потврдува дека изминатата година претставува само основа за нови и поголеми цели со кои Кавадарци продолжува да се гради како современа, зелена и економски развиена општина по мерка на сите граѓани.
