Започна изградбата на новиот Младински културен центар во Кавадарци: 800 квадратни метри модерен простор за младите

Започна изградбата на новиот Младински културен центар во Кавадарци: 800 квадратни метри модерен простор за младите

Локацијата во Кавадарци која уште од 1979 година стоеше напуштена и нереализирана конечно добива своја пренамена. Општина Кавадарци, преку јавен повик и партнерство со соинвеститор, започна со изградба на нов деловен објект во кој на површина од околу 800 квадратни метри ќе биде сместен најмодерниот Младински културен центар.

Општината го добива овој простор на вториот кат од објектот, со посебен влез и лифтови, по системот „клуч на рака“ и без дополнителни општински финансиски инвестиции.

Градоначалникот Митко Јанчев истакна дека станува збор за клучна и стратегиска одлука со која се оживува поранешен карабински простор.

„Нашите млади тука ќе добијат најмодерен центар каде што ќе можат да творат, да се забавуваат и да се тргнат од секојдневните пороци. Просторот ќе содржи ликовни соби за колонии, музички простории, кино и забавни содржини за малолетниците, а со нив ќе работат и ментори од наставниот кадар. Очекувам за две години објектот да биде целосно завршен“, изјави за КТВ, Јанчев.

Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанчо Рамов, потенцираше дека овој дел од градот — на потегот меѓу Северниот и Западниот булевар — во моментов доживува вистинска градежна и урбана трансформација.

„Покрај новиот кружен тек, објектите на ‘Лидл’, ‘Веро’ и биопазарот, овој дел од Кавадарци добива сосема ново урбано руво. Со овој Младински културен центар им оставаме на идните генерации модерен простор во кој ќе можат да ги развиваат своите вештини и потенцијали“, порача Рамов.

Комплетната изградба на објектот се очекува да заврши во рок од две години.

А.Д