Полициски службеници од ОВР Неготино вчера (01.10.2026) уапсија седум лица фатени на дело при обид да извршат тешка кражба во напуштен објект во неготинско.
Постапувајќи по претходна пријава, полициските екипи во кругот на објектот затекнале повеќе лица кои со употреба на алат се обидувале да одземат предмети. Откако ги забележале полициските службеници, осомничените се дале во бегство, поради што полицајците испукале неколку предупредувачки истрели во воздух.
Набргу по инцидентот, на самото место и на повеќе локации во Неготино, од слобода биле лишени:
- Е.Ф. (31), Б.Ф. (28) и Е.Ф. (32) од село Паликура, општина Росоман;
- Ѓ.У. (32), Д.И. (33) и Н.Ц. (38) од Градско;
- В.В. (31) од село Подлес, општина Градско.
Осомничените се задржани во полициска станица, а од нив се одземени разни предмети и алат со кои го вршеле делото. Од полицијата информираат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против групата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.