На продолжението од 14-та седница на Советот на Општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев, одговарајќи на советничко прашање, ги изнесе сите детали за напредокот на виталниот проект за гасификација на градот.
За реализација на овој капитален проект обезбедени се околу 758.000 евра од средствата од унгарскиот заем, а целосниот проект е примен како донација. Дополнително, веќе е дефинирана и приклучната точка во близина на фабриката „Дрекслмајер“, каде што ќе биде поставена мерна станица со проток за целиот град и за индустријата.
„Од мерната станица до нашата потстаница, која е урбанистички решена со маркица уште од 2020 година, ќе имаме посебни излези за граѓанството и за индустријата со цел да се избегне конфликт на капацитетите. Тендерот очекувам да заврши до крајот на октомври“, истакна градоначалникот Јанчев.
Тој исто така посочи дека интензивно се размислува изведбата и приклучувањето да ги врши општинското претпријатие „Кавадарци гас“, со формирање и сертифицирање на сопствен тим и набавка на соодветна опрема, наместо ангажирање надворешни фирми.
„Доколку сè се одвива според предвидениот план, очекувам веќе во јануари или февруари да бидеме во завршна фаза со изградбата на првата фаза од гасификацијата, што претставува суштински и клучен проект за Општина Кавадарци“, порача Јанчев.
А.Д