Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, денес ги посетија откупните пунктови и винариите каде што се одвива откупот на овогодишната реколта на „Вранец“ и „Смедеревка“. Во рамки на посетата беа обиколени винариите „Тиквеш“, „Мовино“ и „Бруно“, како и откупниот пункт „Југокомерц“ за Охрид.
Во изминатите дваесетина дена, градоначалникот Јанчев и министерот Серафимовски активно ја следат состојбата со овогодишната реколта, со особен фокус на откупот на „Вранец“. Во тој период тие се во секојдневна комуникација со лозарите и винариите, а беа одржани и повеќе состаноци со премиерот Христијан Мицкоски, на кои беа презентирани барањата и проблемите со кои се соочува секторот.
Како резултат на барањата на винариите и по ангажман на премиерот Мицкоски и Владата, обезбедени се 12 милиони евра преку Развојната банка на Македонија, наменети за зголемување на ликвидноста на винариите и откупните пунктови и обезбедување средства за откуп и навремено плаќање на лозарите.
Средствата се обезбедени под исклучително поволни услови – каматна стапка од само 1%, рок на отплата од 36 месеци и грејс-период од 18 месеци. Со оваа мерка се овозможува винариите и откупните пунктови да имаат дополнителни средства за поголем откуп на грозјето и навремено плаќање, а ниската каматна стапка значително го намалува финансискиот товар.
Целта е да се обезбедат услови за задржување на откупната цена од 22 денари за килограм, а лозарите да имаат сигурност дека нивниот род ќе биде преземен и исплатен.
Паралелно со следењето на откупот, Општина Кавадарци презема конкретни активности и во однос на штетите од последното невреме во Тиквешијата, при што лозовите насади беа погодени од масовен град и обилни врнежи.
Општината објави јавен повик за пријавување на настанатите штети, а формирани се две комисии кои веќе излегуваат на терен и вршат проценка на состојбата. По завршувањето на теренските проценки ќе биде изработен елаборат за причинетата штета, кој ќе биде доставен до Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Владата, со цел да се обезбеди соодветно обесштетување на лозарите.
По завршувањето на откупот на овогодишната реколта, Општина Кавадарци, во координација со премиерот Христијан Мицкоски, Владата и Министерството за земјоделство, ќе преземе дополнителни активности.
По 1 октомври ќе биде отворен нов повик, преку кој ќе се евидентираат лозарите и локациите каде што евентуално останало необрано или неоткупено грозје поради елементарна непогода, екстремно сушење, скаутување на грозјето или други природни причини. И за овие случаи ќе се направи проценка на терен од страна на комисија и ќе се бара соодветен начин лозарите да бидат обесштетени.
Лозарството е стратешки производ за Тиквешијата и за државата, и ниту еден лозар нема да биде оставен сам да се справува со последиците од природните непогоди или со проблемите поврзани со откупот.
Грижата за откупот, цената и квалитетот на грозјето останува приоритет и за Општина Кавадарци како локална самоуправа, но и за Владата и Министерството за земјоделство како централна власт.
Во оваа насока, по налог на премиерот Христијан Мицкоски, уште од месец ноември ќе започнат активности за планирање и изнаоѓање решенија за капацитетите и откупот на реколтата во 2027 година.
Во разговорите со винариите ќе се работи на намалување на залихите на вино, изнаоѓање алтернативни пазари, поддршка на извозот, како и на реализација на долгоочекуваниот проект за дестилерија.
Проектот за дестилерија претходно беше инициран и од Општина Кавадарци и градоначалникот Јанчев, но во изминатиот период не беше реализиран поради недостиг на поддршка од тогашната централна власт. Сега постои јасна определба овој проект да стане реалност.
Нашата држава не може да дозволи повторно да се создаваат залихи и винариите да ја пречекуваат новата реколта со полни цистерни. Напротив, целта е преку економски мерки и одговорен пристап да се најде начин вишокот вино да се преработи во дестилат, со што винариите ќе имаат ослободени капацитети за новата реколта, а лозарите ќе имаат сигурност дека нивното грозје ќе има пласман.
Со оваа Влада, со премиерот Христијан Мицкоски и со Министерството за земјоделство, како и со активната улога на Општина Кавадарци, ќе продолжиме да ги решаваме проблемите кои се таложеле повеќе од 30 години и кои директно ги засегаат лозарите и граѓаните на Тиквешијата.
Целта е јасна – стабилен откуп, сигурен пласман, ослободени капацитети, поддршка за лозарите и долгорочно одржливо решение за тиквешкото лозарство.