Општина Кавадарци на семинар во Кина: Се отвораат нови можности за инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро управување со отпадот

Општина Кавадарци на семинар во Кина: Се отвораат нови можности за инвестиции во обновливи извори на енергија и подобро управување со отпадот

Општина Кавадарци зема активно учество на меѓународниот семинар на тема „Зачувување на енергијата, намалување на емисиите и развој на технологии за нови енергии“, што се одржува во Народна Република Кина. На овој значаен настан, локалната самоуправа ја претставува секретарот на Општина Кавадарци, Тодор Ефремов.

Семинарот е во организација на Институтот за биогас (БИОМА), кој функционира во рамките на Министерството за земјоделство и рурални прашања на НР Кина.

Во своето обраќање, Ефремов истакна дека учеството на ваков стручен собир претставува одлична можност за стекнување нови знаења, меѓународна размена на искуства, но и чекор напред кон имплементација на модерни технолошки решенија во општината.

„Учеството на овој семинар претставува значајна можност за размена на искуства, стекнување нови знаења и пред сè, отворање на нови можности за инвестирање и примена на современи технологии за искористување на комуналниот отпад и биомасата остаток од лозарството“, посочи Ефремов.

Тој упати искрена благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија за укажаната поддршка и овозможената прилика Општина Кавадарци да биде дел од овој меѓународен енергетски форум.

Со примена на искуствата од овој семинар, Општина Кавадарци цели кон подобрување на енергетската ефикасност, намалување на штетните емисии и максимално искористување на нуспроизводите од лозарството — како еден од најважните ресурси во овој регион.

A.Д