Традиционалната кавадаречка трпеза не ја бидува без песна, а овогодинешната манифестација „Тиквешки гроздобер“ уште од самиот почеток ги исполни улиците на Кавадарци со музика, радост и расположени граѓани.
Пејачката група при Здружението на пензионери од Кавадарци (ЗПК), со дефиле и песна низ центарот на градот го означи почетокот на празнувањата. Ангел Козаринов, претседател на комисијата за музички дејности на ЗПК, истакна дека ова е еден од најголемите празници кои треба достоинствено да се прослават:
„Овој празник е еден од најголемите празници којшто треба да се прослави. Ние како пејачка група решивме со едно наше дефиле да го направиме отворањето на Тиквешкиот гроздобер. Со сите активности кои ги поставивме, се трудиме да го отвориме Гроздоберот и понатаму да продолжиме со други активности во сите овие три дена. Упатуваме покана до сите граѓани на Кавадарци во што поголем број да ги посетат и да ги гледаат сите активности во овие три дена.“
Кавадарци за време на Гроздоберот важи за еден од најгостопримливите градови, кој редовно привлекува посетители и гости од поранешните југословенски републики и пошироко. Меѓу нив е и гостин од Славонски Брод, Хрватска, кој редовно доаѓа во Тиквешијата за да ја посети својата фамилија, но и да ужива во манифестацијата:
„Тука сум за сите три дена – денес, утре и во недела. Имам две сестри, едната тука во Кавадарци, а едната во Ваташа. многу ми е мило што доаѓам, секоја година сум тука. За организацијата, грозјето и виното – чиста петка, сè е десетка!“
Кавадаречката трпеза, изложеното грозје, виното и традиционалната македонска песна уште еднаш потврдија дека Тиквешкиот гроздобер е манифестација која ги спојува генерациите и ги чува адетите.
А.Д