Кавадарци чекори кон поголема енергетска ефикасност

Кавадарци чекори кон поголема енергетска ефикасност

Во Општина Кавадарци се реализира значаен проект за поставување и проширување на фотоволтаични системи на повеќе јавни објекти, со цел зголемување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија. Фотоволтаичните панели, како и проектите за нивно поставување, се обезбедени како донација, додека останатиот потребен материјал е обезбеден од Буџетот на Општина Кавадарци, преку спроведена јавна набавка.

Активностите опфаќаат вкупно 12 локации, меѓу кои повеќе објекти на ЈОУДГ „Рада Поцева“ – „Гроздоберче“, „Снежана“, „Детелинка“, „Изворче“ и „Сонце“, како и Библиотеката „Феткин“, Домот на култура ,,Иван Мазов Климе” зградата на Општина Кавадарци, „ООУ Димката Ангелов Габер“, СОУ „Киро Спанџов – Брко“, Основен суд Кавадарци, ОЈО и ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Кавадарци. Вкупната инсталирана моќност на сите фотоволтаични панели е 390 KW.

Кавадарци чекори кон поголема енергетска ефикасност

На дел од објектите се поставуваат комплетно нови фотоволтаични системи, додека на други постоечките системи се надградуваат со дополнителен капацитет. На овој начин, јавните установи добиваат поголема можност за производство на сопствена електрична енергија од обновлив извор.

Овој проект претставува уште еден чекор кон создавање поодржлива, енергетски ефикасна и еколошки одговорна општина. Со вложување во обновливи извори на енергија, Општина Кавадарци не само што ги намалува долгорочните трошоци за електрична енергија, туку придонесува и кон заштита на животната средина и создавање подобри услови за идните генерации.

Кавадарци продолжува да инвестира во зелена енергија, одржлив развој и модерна јавна инфраструктура – за поекономична и позелена општина – велат од локалната самоуправа.