Продолжува топлотниот бран: Температури до 40 степени, од четврток се очекува мало освежување

Продолжува топлотниот бран: Температури до 40 степени, од четврток се очекува мало освежување

Земјава и денеска се наоѓа под влијание на интензивен топлотен бран кој донесе високи температури и ја стави територијата во портокалова (алертна) фаза. Според прогнозите на синоптичарите, најтопло денеска е во Демир Капија и Гевгелија со измерени 40 степени. Многу топло и сончево време со слаб северен ветер ќе преовладува и утре, додека првото мало освежување и пад на температурите за неколку степени се најавува од четврток.

Здравствените власти и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упатија апел до сите граѓани за максимално почитување на препораките за заштита од високите температури.

Главни препораки за заштита на здравјето:

  • Избегнувајте сонце во пик-периодот: Не излегувајте на отворено без прекумерна потреба во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Во овој интервал целосно да се избегнува и напорна физичка активност.
  • Правилно користење на клима-уредите: Разликата помеѓу надворешната и внатрешната температура не треба да биде преголема. Доколку надвор е 39 степени, климатизерот треба да биде наместен на околу 25 степени за да се спречи шок врз организмот при излегување.
  • Заштита на работниците на отворено: За граѓаните кои мора да работат надвор, задолжително е да се обезбедат почести паузи во сенка и внесување поголеми количини течности.
  • Облека и лична заштита: Се препорачува носење лесна и светла облека, заштитна капа, очила за сонце и користење креми со заштитен UV-фактор.
  • Лесна исхрана и хидратација: Да се консумираат повеќе течности и лесна храна, а да се избегнуваат мрсни, висококалорични оброци и храна со многу шеќери.

Совети за чувствителните категории граѓани

  • Повозрасни лица (над 65 години): Задолжително редовно земање на терапијата. Доколку живеат сами, препорака е да бидат во постојана комуникација со соседите или блиските за навремена помош при појава на несакани симптоми.
  • Бремени жени и хронично болни: Бремените жени да ги следат упатствата од матичните гинеколози, додека хронично болните лица строго да се придржуваат до препишаната терапија.

Препознајте ги симптомите на топлотен удар!

При подолга изложеност на сонце може да дојде до топлотен удар. Доколку почувствувате вртоглавица, силна главоболка, мускулни грчеви или губење на свест, веднаш побарајте медицинска помош или повикајте Итна медицинска помош на броевите 194 или 112.