Над 70 пензионери од Општина Росоман веќе ја користат можноста за бесплатен јавен превоз, мерка што беше воведена со цел да им се олесни секојдневието и да се намали нивниот финансиски товар.
Општина Росоман е тесно поврзана со Општина Кавадарци, каде жителите на Општина Росоман секојдневно ги користат услугите на Министерството за внатрешни работи, Општата болница, Центарот за социјални работи, како и многу други институции и услуги. Со оваа мерка, пензионерите заштедуваат значителни финансиски средства, а истовремено добиваат полесен и подостапен пристап до институциите и услугите што им се потребни.
Од Општина Росоман потенцираат дека грижата за повозрасните е нивна обврска, а подобрувањето на квалитетот на животот останува еден од приоритетите на општината па затоа продолжуваат со политики што носат реални придобивки за нивните сограѓани.
