На 75-годишна возраст почина Гоце Тодоровски, еден од најпопуларните и најсаканите македонски глумци и долгогодишен член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Роден во Кичево во 1951 година, Тодоровски дипломираше актерство во 1976 година, а од 1978 до неговото пензионирање во 2018 година остана целосно посветен на матичната сцена.
Неговиот актерски талент, препознатливиот шарм и прецизниот комичен ритам оставија неизбришлива трага во македонскиот театар, филм и телевизија. Оствари десетици улоги на сцената, предводејќи ги култните претстави „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“ и „Болва во уво“, кои со децении се играа пред преполнети сали. Неговото присуство надвор од театарот беше исто толку влијателно — преку улогите во „Македонски народни приказни“, „Хихириху“, „Бушава азбука“, како и во над 60 филмски и ТВ-проекти. Исто така, заедно со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основа и комично-сатиричната трупа „Модро окце“.
За својата долгогодишна уметничка дејност, Тодоровски беше одликуван со највисоки признанија, меѓу кои Орденот за заслуги за Република Македонија, Наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ и државната награда „23 Октомври“. Со неговото заминување, македонската култура загуби уметник чии ликови и насмевки ќе останат траен дел од колективната меморија на публиката.