(ВИДЕО) Тара и даде нов живот на „Прва љубов“, песна што пред повеќе од пет децении ја отпеал татко му

(ВИДЕО) Тара и даде нов живот на „Прва љубов“, песна што пред повеќе од пет децении ја отпеал татко му

Ова е песната којашто ќе ви го успори животот за момент, ќе ве натера да се насмевнете без никаква причина, а притоа ќе продолжите да уживате во текот на денот…“ Со овие зборови започнува новото музичко патување на Александар Тарабунов – Тара, кој пред публиката ја претставува„Прва љубов“ – песна што носи посебна емоција и семејна приказна.

Станува збор за композиција првпат изведена во далечната 1973 година на фестивалот „Скопје“, во интерпретација на неговиот татко Ванчо Тарабунов. Повеќе од пет децении подоцна, песната добива нов живот, задржувајќи ја својата искреност, но и добивајќи современ музички израз.

Идејата за оваа преработка, раскажува Тара, се родила сосема спонтано. Прелистувајќи и преслушувајќи стари албуми од својот татко, Тара повторно ја открил „Прва љубов“. Веднаш почувствувал дека оваа песна заслужува повторно да биде слушната и од новите генерации.

„Прва љубов“ е дело на легендарните автори Драган Ѓаконовски – Шпато, кој ги потпишува музиката и аранжманот, и Благоја Стефановски, автор на текстот. Новата преработка ја реализираа Тара и Роберт Билбилов, придружните вокали ги отпеа Тамара Тодевска, а режијата на видеозаписот ја потпишува Зонде.

Со оваа преработка, Тара не само што оддава почит на музичкото наследство на својот татко, туку потсетува дека добрата песна не познава време. Добрата песнасамо чека повторно да биде откриена.