Високо украинско признание за градоначалникот Митко Јанчев (видео)

Високо украинско признание за градоначалникот Митко Јанчев (видео)

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, денеска официјално го прими Орденот за заслуги доделен од страна на претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Високото државно признание му беше предадено од страна на амбасадорката на Украина во Македонија, Н.Е. Лариса Дир.

Ова одликување претставува признание за континуираната поддршка, солидарност и соработка помеѓу двете земји на локално и национално ниво.

Во своето обраќање, Јанчев истакна дека ова одликување го доживува како признание не само за него лично, туку и за целиот град, за неговите соработници, Советот на Општината, институциите, хуманитарните организации и за сите граѓани кои несебично се вклучија во помошта за украинскиот народ. Тој нагласи дека од самиот почеток на воените случувања во Украина, градот покажа дека хуманоста, солидарноста и меѓусебната поддршка немаат граници, а денешното признание е потврда дека ваквите дела оставаат трајна вредност и придонесуваат за зајакнување на пријателството меѓу двата народа.

Посебен и емотивен момент на настанот беше кога децата од Украина, кои бесплатно престојуваат во детското одморалиште Михајлово, му подарија рози на градоначалникот во знак на благодарност за грижата, поддршката и топлото гостопримство што им го овозможи градот.

Градоначалникот упати искрена благодарност до претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за укажаната чест, како и до Амбасадата на Украина за довербата и континуираната соработка. Посебна благодарност изрази и до своето семејство за безрезервната поддршка, љубов и разбирање.

Тој порача дека најголемите признанија не се оние што се носат на градите, туку оние што се заслужуваат преку дела, изразувајќи уверување дека пријателските односи меѓу Македонија и Украина ќе продолжат да се градат врз темелите на заемното почитување, солидарноста и мирот.