Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на денешната прес – конференција ја објасни целата шема на ширење на бизнисот „Алта“ на релација Вучиќ-Мицкоски. Фрчкоски посочи дека Антикорупцискиот тим на СДСМ има нови документи кои откриваат дополнителни поврзаности на луѓето од Алта груп со бизниси и фирми во Македонија.
Тој потсети дека во Србија, во истрагата за Алта банка освен Давор Мацура, сопственикот на Алта банка, во притвор е и Татјана Бундало, директорката на „Алта груп“ Белград, кои се сомничат дека извршиле кривични дела поврзани со изнесување кеш од трезорот на Алта банка во износ од околу 17 милиони евра.
„Имињата на овие луѓе кои се веќе приведени, Бундало и Мацура водат директно и до бизниси и фирми во Македонија. Еве го изводот од Централниот регистар: Татјана Бундало, директорка на Алта груп Белград која е приведена во Србија е сопственик на фирмата „Алта Реал Естате ДООЕЛ Скопје во Македонија.Дополнително, поврзана е и со фирмата Алта груп ДООЕЛ Скопје.Видете како се ширел октоподот на бизниси, влијанија, зделки и дилови на релација ВМРО-СНС, Мицкоски-Вучиќ за само кратко време“, рече Фрчкоски.
Притоа, Фрчкоски потсети дека Давор Мацура е член на Надзорниот одбор на Алта банка АД Битола, а ја купи и ЗОИЛ Македонија за 1,7 милиони евра и го отвори прашањето кој ги донесе овие бизниси во Македонија и со кого се правени договорите.
„Кој ги донесе во Македонија и со кого се правени бизнис дилови? Па се знае, организирана криминална група на ВМРО. Трајко Славески јавно кажа дека за влезот на Алта банка се консултирал со Христијан Мицкоски“, рече Фрчкоски.
Дополнително, Фрчкоски го отвори и прашањето зошто Обвинителството и јавниот обвинител Ненад Савески не преземаат ништо и зошто нема истрага за Алта банка во Македонија, ниту постапување по кривичната пријава на СДСМ.
„Дали на овој начин се штитат Мицкоски, Славески и други инволвирани во Алта банка од одговорност? Со чување во фиока?Нашата порака е јасна, нема бегање од вистината, нема бегање од одговорноста. За скандалот со Алта банка ќе има одговорност. Бандата ќе одговара!“, рече Фрчкоски.