Тошковски: Направивме огромен исчекор во сообраќајната безбедност, бројот на жртви значително опаѓа

Тошковски: Направивме огромен исчекор во сообраќајната безбедност, бројот на жртви значително опаѓа

Со заеднички пристап, нови технолошки решенија и унапредена законска регулатива, Македонија бележи сериозен напредок во безбедноста на патиштата, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната втора национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Презентирајќи ги податоците, Тошковски истакна дека додека во изминатите 35 години државата во просек губела по околу 150 човечки животи годишно во сообраќајни несреќи, од почетокот на оваа година заклучно со денеска животот го загубиле 85 лица. Сепак, тој нагласи дека иако трендот е позитивен, секој загубен живот е премногу и постигнатите резултати се само потврда дека институциите се на вистинскиот пат и мора да продолжат со уште поголема посветеност.

„Ценам дека навистина ова што го направивме овие три години е огромен исчекор од она што беше претходно. За тоа зборуваат резултатите, за тоа зборуваат меѓународните признанија што ги добиваме, за тоа зборуваат подобрувањата на условите, но најмногу зборуваат спасените човечки животи“, истакна министерот.

Во своето обраќање, Тошковски ја нагласи потребата од координирана соработка меѓу централната и локалната власт, академската и стручната јавност и граѓанскиот сектор. Тој упати благодарност до Град Скопје, ЗЕЛС, РСБСП, Црвениот крст, градоначалниците и полициските службеници, но посебно ги издвои граѓаните за нивното одговорно однесување во сообраќајот, кое придонесе Македонија годинава да добие и меѓународно признание за унапредување на сообраќајната безбедност.

„Ценам дека ваквото признание е доказ за тоа дека може да нè биде и ќе нè биде. Само треба да работиме посветено, да имаме јасна цел и визија каде треба да стигнеме, чесно и сите заедно“, порача Тошковски, додавајќи дека безбедноста во сообраќајот повеќе од две децении е врвен приоритет за граѓаните.

Главниот фокус на денешната конференција беше ставен на размената на добри практики и локалната имплементација на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година, со цел зајакнување на улогата на општините во градењето побезбедни урбани средини.