Земјоделските семејства што од сопствениот род создаваат храна со препознатливо и традиционално локално потекло можат да остварат поголем приход и истиот да го реинвестираат во развојот на своите стопанства. Ова е главната порака што ја упати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на денешното отворање на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, кој се одржува на локацијата Школка во Градскиот парк во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Серафимовски го нагласи значењето на иновациите и вклучувањето на младите кадри во модернизацијата на земјоделството и пласманот на производите.
– Млад технолог може да осмисли нова преработка од локално овошје, а некој со познавање на дигиталната трговија може да им помогне на малите стопанства да стигнат до потрошувачи во други градови – истакна Серафимовски.

Тој најави дека Министерството веќе разработува модел за директно поврзување на научните истражувања од факултетите и институтите со земјоделските политики. Целта е производителите да добијат конкретни и практични препораки за справување со климатските предизвици, односно за одгледување култури во услови на суша и високи температури. Како еден од клучните приоритети го издвои и зачувувањето на автохтоните сорти, кои се пресудни за автентичниот вкус на домашните производи.
Осврнувајќи се на Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, министерот најави поголема правна сигурност и заштита за земјоделците при пласманот.
– Предлагаме појасни правила за договорното производство и за организираниот откуп, со писмен договор во кој условите за испорака и рокот за плаќање ќе се утврдат однапред. Предвидуваме и поддршка за здружување, за помалите стопанства да настапуваат со заедничка понуда и да преговараат од посилна позиција – додаде Серафимовски.

Саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ има за цел да го промовира домашното производство и потенцијалите за развој на руралниот туризам. Покрај богатата понуда и дегустацијата на традиционални и органски производи, манифестацијата е збогатена и со музички и фолклорни настапи.
Организатор на настанот е здружението „Ж’та“ од Кавадарци, а реализацијата е финансиски поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година за оваа намена обезбеди еден милион денари.