Колку блиску до смртта треба да се приближи една девојка, жена за вмровските институции да реагираат?
Колку треба да биде претепана една жена за државата да ја сфати сериозно? Колку коски треба да ѝ бидат скршени, колку закани треба да преживее и колку пати треба да се најде на работ меѓу животот и смртта за институциите да престанат да го третираат насилството како глупост? Сара од Охрид е во болница, а насилникот од „угледна“ вмровска фамилија, Кристијан Корабоски, е на слобода! И покрај сериозноста на случајот, Основното јавно обвинителство не побарало притвор, туку само мерки на претпазливост! Дали единствениот доказ што институциите го признаваат како доволно сериозен е посмртниот наод?!
И додека една млада девојка ги трпи последиците од насилството со сопственото здравје и достоинство, над случајот надвиснува отворената политичка недопирливост. Мајката на осомничениот, Љубинка Корабоска, е поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, членка на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Охрид, раководителка во државно претпријатие и донаторка на ДПМНЕ.
Тука е и татковиот грб со вмровско педигре – за кој се вели дека има блиски релации со Мицкоски, донатор на ДПМНЕ, бил инспектор во Пазарниот инспекторат, а актуелно е на раководна позиција во УЈП. Во меѓувреме, таткото на Сара бил задржан во полициска станица поради порака испратена до семејството на осомничениот, додека Корабоски останува надвор од притвор. Очигледно институциите побрзо реагираат кога треба да се справат со семејството на жртвата, отколку кога треба да обезбедат одговорност за осомничениот.
Тошковски има прашања и треба да одговара: Дали полицијата ги документирала сите наводи за закани по живот? Дали воопшто обезбедила докази? Дали извршила процена на ризик? Дали на обвинителството му доставила целосни информации? Но, клучното прашање е упатено до Основното јавно обвинителство: Врз основа на што обвинителството проценило дека мерките на претпазливост се доволни и дека нема потреба да побара притвор? Кои околности ги ценело при донесувањето на таа одлука? Како ја проценило опасноста за Сара? Зошто не побарало построга мерка за обезбедување на нејзината безбедност? Не може јавноста да добива повеќе информации од потресното сведоштво на една мајка отколку од институциите задолжени да ја гарантираат безбедноста на нејзината ќерка!
Во целата оваа ситуација и фактичка состојба, неопходно е да се утврди и од каде произлегува самоувереноста во недопирливоста на насилникот и неговото семејство. Дали по насилството биле воспоставени контакти со функционери од ДПМНЕ, дали биле активирани партиски врски и дали некој се обидел да издејствува повластен третман? Сомнежот дека политичкото влијание одиграло улога во постапувањето по нападот и во одлуката на ОЈО да не побара притвор е повеќе од оправдан. Секоја евентуална интервенција мора да повлече одговорност.