Во Кавадарци започна и активно се одвива изградбата на новиот Младински културен центар, со кој младите генерации ќе добијат современ и функционален простор за творење, едукација и општествено дејствување.
Како што информираат надлежните, центарот ќе биде сместен на второто ниво од новиот деловно-трговски комплекс. Објектот ќе се простира на површина од околу 800 квадратни метри и ќе располага со сопствен, посебен влез, што ќе му даде препознатливост и автономија. Просторот е проектиран да одговори на современите потреби на младите и ќе биде наменет за организирање културни и едукативни активности, креативни работилници, изложби, предавања, настани, како и за реализација на разни младински иницијативи и дружење.

Новиот деловно-трговски комплекс во чии рамки се гради центарот ќе зафаќа вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри. За потребите на посетителите и корисниците се предвидени 25 паркинг места во самиот објект, како и дополнителни околу 40 паркинг места пред комплексот. Целокупната инвестиција и градежната изведба ги реализира компанијата „Five Star Building“.
Со реализацијата на овој капитален проект се отвораат нови перспективи за младите од Кавадарци, овозможувајќи им место каде што ќе можат да ги развиваат своите таленти, да разменуваат идеи и активно да учествуваат во креирањето на културниот и општествениот живот во градот.
©ктв.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.