Со потпишувањето на договорот помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Кавадарци, официјално се обезбедени условите за почеток на изградбата на новата Јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица.
Новиот капитален објект ќе се простира на вкупна површина од 3.365,1 квадратни метри и ќе има капацитет да згрижи 57 лица, нудејќи им современи услови за престој, грижа и достоинствен живот.
Вкупната вредност на овој значаен социјален проект изнесува 154.927.746 денари. Најголемиот дел од средствата, во износ од 149.489.782,12 денари, ги обезбедува ресорното Министерство, додека Општина Кавадарци учествува со 5.437.963,88 денари директно од општинскиот буџет.
Според најавите, градежните активности на терен се очекува да започнат до крајот на овој месец, со што проектот и официјално влегува во фаза на реализација. Со оваа инвестиција, Кавадарци за првпат ќе добие современ капацитет за социјална заштита и долгорочна поддршка на постарите сограѓани.