Општина Росоман започна со втората фаза од реконструкцијата на паркот лоциран зад локалната детска градинка. По обновувањето на детските реквизити и урбаната опрема, тековните активности се насочени кон целосно парковско уредување на просторот.

Според градоначалникот на општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски, целта на овој проект е да се создаде поубав, поуреден и пред сè побезбеден амбиент за најмладите жители на општината.
Во изминатиот период на оваа локација веќе беа поставени нови клупи, канти за отпадоци и современи реквизити за игра и забава. Со завршувањето на парковското уредување, овој простор ќе добие целосно нов, модерен и пофункционален изглед.
„Вложувањето во просторите каде што растат, играат и се дружат нашите деца е вложување во иднината на Росоман. Продолжуваме – парк по парк, локација по локација, за поубава општина Росоман“, истакна градоначалникот Крстевски.
Од локалната самоуправа најавуваат дека поддршката за подобрување на условите за живот и обновувањето на јавните површини во општината ќе продолжи со исто темпо и во следниот период.