Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на прес-конференција изнесе детали за тековниот откуп на земјоделските производи, исплатите на субвенциите и новите системски мерки за заштита на земјоделците.
Откуп на грозје и поддршка за лозарите
Откупот на винското грозје е во завршна фаза, при што досега се преработени речиси 80 милиони килограми, а извезени се уште 13 милиони килограми грозје.
„За навремена исплата на лозарите, преку Развојната банка обезбедуваме кредитска линија од 12,8 милиони евра (794 милиони денари) со која ќе се зајакне ликвидноста на винариите и ќе се создадат услови за исплата на откупеното грозје“, истакна Серафимовски.
Пиперка, јаболка и ориз
- Црвена пиперка: Досега се откупени 44 милиони килограми (во Кривогаштани и Струмица), а цената за куртовската капија во прилепско достигна околу 25 денари за килограм. Исто така, по иницијатива на министерството, Комисијата за заштита од конкуренција изврши контроли во над 30 откупни центри поради индиции за неправилности.
- Јаболка: Подготвени се околу 150 милиони денари за поддршка од 2 денари по килограм за произведените и предадени јаболка од бербата 2024.
- Ориз: Жетвата е започната, а министерството обезбеди поддршка и кредитска линија од 12,8 милиони евра за откупувачите за непречен откуп на оризовата арпа.
„Зелена нафта“ и ограничувања за палминото масло
- Зелена нафта: Неделава започнува распределбата на картичките за „зелена нафта“ во вкупна вредност од 584 милиони денари, што е зголемување од 12,3% во споредба со претходно.
- Заштита на млечниот сектор: Изменет е Правилникот за квалитет на млеко со кој се ограничува употребата на млеко во прав и палмино масло на максимум 1 до 2% во производството, со цел да се стимулира откупот на домашното сурово млеко.
Нов Закон за пазарите со земјоделски производи
Предлог-законот е веќе на јавна расправа на ЕНЕР и воведува задолжителни писмени договори пред испорака, регистрирани откупувачи и однапред утврдени цени и рокови на плаќање. Министерот упати повик до сите земјоделски здруженија и оние кои протестираа активно да се вклучат со предлози за подобрување на системот.
Видео извор: МЗШВ – Прес-конференција на министерот Борче Серафимовски