Во периодот од 5 до 11 октомври, Министерството за внатрешни работи спроведува засилени сообраќајни контроли на ниво на целата држава, насочени кон откривање и санкционирање на непрописната употреба на мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди за време на возењето.
Акцијата се реализира во рамки на меѓународната кампања на ROADPOL под мотото „Focus on the Road“, која истовремено се одвива во 34 европски земји, со цел да се намали бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од одвлечено внимание.
Од МВР предупредуваат дека пишувањето пораки, телефонските разговори и проверувањето на социјалните мрежи зад воланот се меѓу главните причини за несреќи.
„Доволни се само неколку секунди невнимание возачот да пропушти навреме да забележи опасност на патот и да реагира. Не дозволувајте еден поглед кон екранот да биде причина за сообраќајна трагедија“, апелираат од МВР.
Полицијата ги повикува сите учесници во сообраќајот на одговорност и целосен фокус на коловозот — телефонот да се остави на страна за време на возењето.