ДЗР: Жените се мнозинство во јавниот сектор, но ги нема на раководните позиции

ДЗР: Жените се мнозинство во јавниот сектор, но ги нема на раководните позиции

Иако жените сочинуваат 57,5% од вкупно вработените во јавниот сектор, поголемата застапеност не се преточува и во еднаков пристап до позициите каде што се носат одлуките, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за успешност.

Ревизијата покажува дека задолжителната законска квота дава резултати во законодавната власт, па така во 2024 година жените со 39,2% се застапени во Собранието. Со ова, Македонија има повисока застапеност на жени пратенички од дури 83% од земјите членки на ЕУ. Сепак, од 1991 година до денес ниту една жена не била избрана за претседател на Парламентот.

Сликата е значително полоша во извршната власт, каде што нема законски квоти за родов баланс:

  • Влада (2024–2028): Од 20 министри со ресор, само три се жени (15%), а меѓу петте потпретседатели на Владата нема ниту една жена.
  • Именувања од Собранието: Од 58 именувани лица на лидерски позиции, само 16 се жени.
  • Висока раководна служба: Именувањата се вршат по различни закони и често на затворени седници, што ја намалува транспарентноста.

Од ДЗР наведуваат дека дополнителен ризик и пречка за вклучување на жените во политиката е онлајн говорот на омраза. За надминување на состојбите, упатени се препораки до Собранието, Владата, ресорните министерства и политичките партии за воспоставување систем кој ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и сигурна средина за жените лидери.