Со достоинствена церемонија, интонирање на државната химна, присуство на советници, пратеници и голем број гости, Советот на Општина Кавадарци деенска одржа Свечена седница по повод 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кавадарци. На седницата беа упатени пораки за почитување на историјата, континуиран развој на градот и беа доделени традиционалните општински награди и признанија.
Седницата ја отвори претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, кој упати честитки за празникот 7 Септември и Денот на независноста, нагласувајќи го значењето на хероите од НОБ:
„7 Септември е светол датум во историјата на Кавадарци — ден кога оддаваме длабока почит кон хероите кои ги положија своите животи за слободата што денес сите ја уживаме. Наша заедничка обврска како советници и граѓани е да го чуваме тој слободарски дух, да градиме мостови на соработка и да продолжиме неуморно да работиме за подобрување на квалитетот на животот во нашата општина. Честит 7 Септември и честит Ден на независноста!“
Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, кој даде осврт на реализираните проекти, економскиот напредок и идната стратегија за развој на општината:
„Одбележувањето на 7 Септември е потсетување на сите генерации кои ги положиле своите животи за денешното слободно Кавадарци. Слободата е наша чест, но истовремено и наша најголема обврска — да го почитуваме минатото, но и со секојдневен труд, нови инвестиции и инфраструктурни проекти да обезбедиме подобра и попрекрасна иднина за нашите деца. Кавадарци денес е пример за општина која постојано се развива и чекори напред.“ – рече Јанчев.
Доделување на општинските признанија и награди „7 Септември“
Како централен дел од свеченоста, беше доделувањето на годинашните Седмосептемвриски награди. Наградата, која се доделува за посебни достигнувања и придонес во развојот и афирмацијата на градот, годинава ја добија
Д-р Благојче Митев – за особен придонес во областа на здравствената заштита.
Фондација „НИКОЛА ЈАНЧЕВ“ Кавадарци – за особен придонес во областа за развој на Општина Кавадарци.
Методи Каровски (постхумно) – за особен придонес во областа на спортот.