Кавадарци од 4 до 6 септември повторно ќе биде центар на виното, традицијата и добрата забава. На денешната прес-конференција одржана во Винскиот музеј беше официјално претставена богатата програма за годинешното издание на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“, која е препознатлив белег на градот.
На Градскиот плоштад во Кавадарци, посетителите во текот на трите дена ќе уживаат во разновидна културно-уметничка и музичка програма под отворено небо, исполнета со многу вински вкусови и забава за сите генерации.
Организацијата и реализацијата на културните содржини годинава ѝ се делегирани на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје. Како што беше нагласено на прес-конференцијата, на големата сцена ќе настапат атрактивни музички артисти од земјава и од странство, а посебно место во програмата ќе имаат и локалните музички имиња.
Манифестацијата ги обединува љубителите на „пијалакот на боговите“, локалната култура и добрата дружба, нудејќи незаборавно доживување и промоција на Тиквешкиот регион.
A.Д