АНГЕЛОВСКИ: ЈП „Комуналец“ Кавадарци е меѓу ретките претпријатија чиј капитал постојано се зголемува (видео)

АНГЕЛОВСКИ: ЈП „Комуналец“ Кавадарци е меѓу ретките претпријатија чиј капитал постојано се зголемува (видео)

Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци продолжи со интензивни активности за реконструкција и проширување на водоводната и канализационата мрежа низ целата општина, истакна директорот на претпријатието, Гоце Ангеловски, на последната седница на Советот на Општина Кавадарци.

Според Ангеловски, од почетокот на годината реализирана е реконструкција на последната делница од фекалниот колектор во близина на Северен булевар, а секојдневно се работи и на помалите улици и урбани заедници опфатени со општинските програми.

Решен 20-годишен проблем со водоснабдувањето

Како еден од поголемите успеси, Ангеловски го издвои трајното решение за водоснабдувањето за жителите од улиците „Рајко Жинзифов“ и „Смилица“.

„Со стручните лица и вработените изработивме трајно решение за жителите од овие улици, кои повеќе од 20 години во летниот период немаа добар притисок во своите домови. Со силна реконструкција, тој повеќегодишен проблем конечно е решен“, нагласи тој.

Видеонадзор и автоматизација за највисок квалитет на водата

За првпат е поставен видеонадзор на сите прекидни и разделни комори на јавното претпријатие. Овие објекти од стратешко значење за градот, кои со децении биле запоставени, сега се целосно оградени, соодветно обезбедени и под постојан надзор.

Дополнително, со реконструкцијата на хлорната и филтерната станица и имплементацијата на современ SCADA систем за автоматизација, овозможена е дигитална контрола на нивото на хлор и целиот процес на водоснабдување во секој момент.

„Жителите на Кавадарци, Росоман и Неготино пијат најквалитетна вода со највисоко ниво на заштита, од самите извори Лукар па сè до секоја чешма“, истакна Ангеловски.

Кавадарци прво на Балканот со вештачка интелигенција на градскиот пазар

Во делот на дигитализацијата, „Комуналец“ е пионер во регионот со целосното дигитализирање на Градскиот пазар.

„Никаде на Балканот нема градски пазар со вештачка интелигенција за препознавање и селекција на цените. Во втората фаза ги интегрираме сите јавни места како автобуски постројки и градски превоз, за граѓаните да имаат целосен увид во понудата и цените, а со електронската наплата ги сопревме сите евентуални злоупотреби“, посочи директорот.

Тој додаде дека по долги години зборување за основни комунални проблеми, Кавадарци денес може да се споредува со чисти и уредени европски градови како Љубљана, Виена и Цирих, а јавната чистота и зеленилото се на највисоко ниво.

Финансиска стабилност и капитал од над 550 милиони денари

Претпријатието одржува стабилна финансиска состојба, каде најголема ставка се трошоците за плати поради нивниот општ пораст во државата, а не поради превработеност.

„Успехот на еден менаџер се мери според тоа со каква вредност на основни средства ја превзел фирмата и со каква ќе ја остави. ЈП ‘Комуналец’ Кавадарци е меѓу ретките претпријатија во државата каде капиталот постојано се зголемува. Додека некои фирми во Македонија имаат сметководствена вредност нула, кај нас таа изнесува над 550 милиони денари“, заклучи Ангеловски.

А.Д