Возачите од ноќеска се соочуваат со значително повисоки цени на бензинските пумпи низ земјава, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за зголемување на максималните малопродажни цени на нафтените деривати.
Најголем удар по џебот на граѓаните е поскапувањето на дизелот, чија цена се зголемува за 6,50 денари по литар и преминува психолошката граница, достигнувајќи 101,50 денари. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по 4,50 денари по литар.
Нови малопродажни цени:
- ЕУРОСУПЕР БС – 95: 93,00 ден/литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 98: 95,00 ден/литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 101,50 ден/литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1): 100,50 ден/литар
- Мазут М-1 НС: 45,576 ден/килограм
Од РКЕ напоменуваат дека и понатаму продолжува примената на намалените акцизи — за два денари по литар кај бензините и за четири денари кај дизелот. Сепак, драстичниот раст на референтните цени на светските берзи неумоливо се пренесе и на домашниот пазар.
Новите цени стапуваат на сила од полноќ и ќе важат до следната корекција на Регулаторната комисија.