Трговскиот синџир „Рамстор“ денеска официјално го отвори својот прв маркет во Кавадарци, кој воедно е 36-ти објект на компанијата во Македонија. Новиот маркет на кавадарчани им нуди современо искуство за пазарење, богат асортиман со над 10.000 артикли и препознатлива квалитетна услуга.
На свеченото пресекување на црвената лента присуствуваа сопственикот на „Рамстор“, Ајдован Адемоски, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот за продажба, Дарко Рулески.
Адемоски: Кавадарчани го заслужуваат овој бренд, можно е отворање и на втор маркет
Сопственикот на „Рамстор“, Ајдован Адемоски, изрази голема благодарност до Општина Кавадарци и градоначалникот Јанчев за поддршката во реализацијата на оваа инвестиција.
„Имајќи го предвид идното и брзо сообраќајно и економско развивање на Кавадарци, се надевам дека многу успешно ќе работиме. Кавадарчани го заслужуваат овој бренд. Граѓаните ќе добијат соодветен квалитет, над 10.000 квалитетни артикли, а отвораме и нови работни места. Доколку граѓаните се задоволни, со голема мотивација би отвориле уште еден маркет во Кавадарци“, истакна Адемоски.
Јанчев: Влезот на познати брендови е потврда за развојот и потенцијалот на Кавадарци
Градоначалникот Митко Јанчев честиташе за отворањето на маркетот и нагласи дека доаѓањето на национални, регионални и европски брендови е потврда дека Општина Кавадарци се движи во вистинскиот правец.
„Општина Кавадарци е горда што националните и европските брендови доаѓаат тука. Тоа ни дава право да размислуваме дека сме на прав пат и дека нашата општина има голем потенцијал за развој. Општина Кавадарци дава максимална поддршка за сите кои сакаат да инвестираат со цел граѓаните да имаат поголем избор и подобри можности. Стануваме град на мапата со голем интерес за претприемнички дух и развој на брендови“, порача Јанчев.
Рулески: Богата понуда, сопствени увозни брендови, свежо месо и пекара
Директорот за продажба на „Рамстор маркети“, Дарко Рулески, појасни дека новиот маркет е целосно опремен за да одговори на сите секојдневни потреби на едно домаќинство.
„Ова е наш 36-ти маркет и со задоволство ќе ги услужиме граѓаните на Кавадарци. Во овој маркет нудиме изобилство од производи, карактеристични увозни артикли кои се специфични за нашата компанија, како и соодветни оддели за свежо месо, месара, пекара, деликатеси, замрзнати производи, како и дневно свежо овошје и зеленчук. Се надеваме дека кавадарчани ќе бидат задоволни и дека нема да застанеме само на еден маркет“, изјави Рулески.
Новиот маркет на „Рамстор“ се наоѓа на атрактивна локација во комплексот „Extra Living“ во Кавадарци и од денеска е официјално отворен за сите посетители.