Јанчев: Со инвестиција од над 50 милиони евра, Кавадарци станува нов модерен деловен и развоен центар (видео)

Јанчев: Со инвестиција од над 50 милиони евра, Кавадарци станува нов модерен деловен и развоен центар (видео)

Кавадарци се наоѓа во незапирлив инвестициски и инфраструктурен бран со проекти кои надминуваат 50 милиони евра, истакна градоначалникот Митко Јанчев во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ Телевизија.

Новите инвестиции, како што нагласи , не само што го менуваат ликот на градот, туку носат и нови работни места, поголем економски развој и осовременување на јавните простори.

Младински центар на местото на некогашниот „Пионерски дом“

Еден од значајните проекти за младите е трансформацијата на некогашниот Пионерски дом, кој со години беше запоставен објект.

„На просторот кај мостот и кај ‘Лидл’, поранешниот Пионерски дом се претвора во современ Младински центар. Наместо мртва бетонска градба, градот добива нов простор за младите, но и нови деловни простории“, истакна Јанчев.

Покрај младинскиот центар, во овој комплекс ќе се пресели и административниот дел на ЈП „Комуналец“ со околу 20 вработени, со што граѓаните ќе добијат подобри и ПОлесно достапни услуги на една локација.

Пристигнуваат светски брендови: „Lidl“, „Holiday Inn“, „JUMBO“ и нови трговски центри

Градоначалникот соопшти дека интересот од домашните и странските инвеститори за Кавадарци е на највисоко ниво досега:

  • „Lidl“ и „JUMBO“: Новиот трговски центар/пазар ќе понуди современи содржини, а маркетот на „Lidl“ се очекува официјално да се отвори во април. Дополнително, предвидена е и локација за познатиот бренд „JUMBO“.
  • Хотел „Holiday Inn“: По потпишувањето на договорот, над новиот мол ќе се гради хотел од светски познатиот синџир Holiday Inn, што ќе биде од огромно значење за развојот на туризмот и бизнис-секторот во целиот регион.
  • Бензинска пумпа „Shell“: Покрај новата сообраќајна инфраструктура, отворени се и нови содржини како што е бензинската станица на „Shell“.

Целосно решена инфраструктура и нови инвестиции

Јанчев потсети дека со изградбата и пуштањето во употреба на Западниот булевар и споредните сообраќајници е решен децениски проблем со сообраќајот во градот, кој не беше променет речиси 40 години.

„Добивме комплетна и заокружена содржина со целосно решена подземна и надземна инфраструктура. Ова е причината зошто сѐ повеќе познати брендови се заинтересирани да инвестираат во Општина Кавадарци“, заклучи Јанчев.

А.Д