Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во своето гостување во емисијата „ТВ Објектив“ на КТВ Телевизија најави значајни инвестиции во развојот на ски-центарот Михајлово.
Како што истакна тој, веќе се обезбедени потребните средства и ресурси за градежните активности кои ќе се реализираат навреме за претстојната зимска сезона.
Поголем капацитет и модернизација
Проектот предвидува изградба на нова ски-патека „Македонија“ која ќе се протега од самиот врв, односно од кај шумската куќа/одморалиштето, па сè надолу. Покрај тоа, предвидено е поставување на нов ски-лифт, како и целосна инсталација на систем за вештачки снег, со што значително ќе се зголемат капацитетите на ски-центарот.
Силна поддршка од општествено одговорните компании:
Градоначалникот додаде дека Општина Кавадарци во последните 8-9 години континуирано добива огромна поддршка од приватниот сектор. Според неговите зборови, општината годишно добива над 1,5 милиони евра во форма на донации, парични средства или материјали, што претставува редок пример за успешна соработка меѓу локалната самоуправа и бизнис заедницата.
А.Д